
Есејот ги анализира добрите методи и принципи за започнување нови компании, но може да има многу пошироко значење, т.е. да се однесува на пласирањето и објективното анализирање на идеите воопшто (па според тоа и за идеите кои се пласираат на блогови или во тимска работна околина, кога би сакале да посочиме реални примери). Инаку, Пол е и партнер во фирмата "Y Combinator", која е специјализирана за финансирање ИТ компании кои се во почетна фаза на развој.
Очигледно е зошто би сакал да ја изложиш што е можно помасовно новата технологија, но зошто би ти требале други луѓе? Зарем не си доволно способен да ти доаѓаат нови идеи? Емпирискиот одговор е: НЕ. Дури и на Ајнштајн му биле потребни луѓе од кои ќе ги „отскокне“ идеите. Идеите се развиваат за време на процесот на нивното образложување на вистинскиот вид луѓе. Тебе ти треба тој отпор, исто како што на резбарот му е потребен отпорот од дрвото.
Ова е една од причините зошто "Y Combinator" има интерно правило да не инвестира во компании во зачеток кои имаат само еден основач. Секоја успешна компанија има барем двајца. А заради тоа што основачите на компании работат најчесто под силен притисок, критично е тие да бидат пријатели.
„Пријателскиот отпор“ е навистина потребен за човек да увиди кои се позициите (негови и) на неговите идеи и размислувања. За секој човек е многу важно да не се изолира во круг на пријатели кои се комплетни истомисленици и кои на светот гледаат со сосем исти очи. Вистинските пријатели, оние кои навистина можат да ти помогнат, треба:
а) да знаат како да слушаат,
б) да се водат од идеи, а не од идеологии,
в) да имаат изградено цврсти ставови и мислења,
г) да не ги прилепуваат своите ега за нивните мислења,
д) да знаат како јасно да ги артикулираат и аргументираат своите гледишта, и
ѓ) да знаат кога да признаат и отстапат пред валиден аргумент, па дури и ако тоа ги тера да ги преиспитаат своите верувања.
Ваков човек јас сакам да научам да бидам, и вакви пријатели сакам околу себе. Сметам дека постулатите кои ги пласирав погоре се здрава основа за развивање и кондиционирање паметни и морални луѓе. А ако се применуваат масовно, ете и цврсто интелектуално ткиво кое ќе биде локомотива за едно општество.
Еве и извадок од мојот текст „Меѓучовечкиот конфликт низ призма на интелигенцијата“, каде стои мојот став за начинот на кој (треба да) постапува паметен човек кога ќе се судри со поинакво мислење:
Паметен човек, земено како еден воопштен и непрецизно нафрлен термин, има карактеристика (меѓу другото) постојано да се стреми кон нови знаења и информации. Овој перманентен стремеж предизвикува клучна промена во неговото однесување и карактер, особено кога се работи за доаѓањето до тие информации. Да го издвојам токму примерот кој мене во овој случај ми е тема - што прави паметен (па и воспитан, ако сакаш) човек кога ќе се судри со информација или нечие туѓо мислење кои се РАЗЛИЧНИ од неговите? Па, ништо посебно... Ладнокрвно се соочува со аргументите, пласирајќи ги своите и анализирајќи ги аргументите на „противникот“. Зависно од неговото знаење во областа, но и комуникациските вештини, на крај ќе има три можни случаи: убедил, го убедиле, или секој си останал на своето (бидејќи дури и да се работи за две страни чиј интелект перфектно функционира, сепак има прашања кои остануваат без заеднички одговор). И, горе-долу, приказната завршува. Со мала (суптилна) забелешка: независно од исходот, нашиот дискутант е задоволен, бидејќи разменил или добил нови знаења, што е дел од неговиот трудољубив и за знаење љубопитен карактер, како што спомнав малку погоре...
Вилијам Шекспир лаконски ќе рече:
My words fly up, my thoughts remain below.
Words without thoughts never to heaven go.
- William Shakespeare




0 comments:
Post a Comment