Sunday, May 28, 2006

Hands-on Google AdSense

Ова е последниот текст од серијалот за online advertising преку Google AdSense. Претходните текстови беа:
  1. Online advertising
  2. Online advertising со Google AdSense
  3. Cost per click рекламен модел на Google AdSense
  4. Onsite Advertiser модел на Google AdSense.

Како што можевме да видиме, Google AdSense е сервис кој посредува меѓу веб издавачите и веб адвертајзерите, бизнис модел врз кој Google изгради финансиска империја вредна над 100 милијарди долари. Пазарот на полето на online advertising изнесува околу 15 милијарди долари годишно, а се очекува неговата вредност да се дуплира до крајот на оваа деценија. Секој може да земе дел од овој колач, а најголемата предност е што пазарот за твојот веб производ е целиот свет.

Јас веќе една година правам анализи на сервисот Google AdSense, со цел да научам некои законитости и генерално да ги видам од прва рака перформансите на блоговите и рекламирањето на Internet. Целта ми беше да ги споделам овие искуства со вас, во надеж дека на некого ќе му помогнат. Еве некои работи кои ги увидов...

1. Акаунт на Google AdSense

Еден веб издавач е доволно да има еден AdSense акаунт, бидејќи истиот може да го користи на повеќе сајтови, со тоа што на една сметка се акумулира профитот. Акаунтот се креира бесплатно, при што треба да внимаваш да внесеш точна поштенска адреса (на која ќе доаѓа чекот, освен ако не живееш во неколкуте земји во кои Google врши и електронски трансфер на банкарска сметка) и да избереш правилна информација за данокот.

AdSense: Tax informationВеб издавачите од Македонија треба да го пополнат формуларот „Foreign publisher with no U.S. Activities“ (означената опција на сликата десно).

Исто така, не заборавај добро да ги проучиш опциите во листот „My Account“ и да ги пополниш правилно (иако адресата и формуларот за данок се најкритични). Листот „Reports“ содржи корисни извештаи, кои ќе ти помогнат подобро да го планираш публикувањето. Рекламите се креираат во листот „AdSense Setup“.

2. Посетеност

Посетеноста на сајтовите на веб издавачот е клучна за било каков успех. Повеќе посетители, повеќе кликови на рекламите. Посетеноста може да се зголеми на многу начини:
  • Пишувај на англиски јазик, ако сакаш да се обратиш на многу, многу поголема публика. Ако сериозно сакаш да блогираш за пари, ова ќе биде најважната одлука.
  • Пишувај квалитетни текстови, најдобро што можеш, ако сакаш да донесеш редовни читетели.
  • Редовно коментирај на (што повеќе) други блогови, по можност избирај блогови со слична тема, и оставај квалитетни коментари, со кои ќе го привлечеш вниманието на таа публика кон тебе.
  • Соодносот публикување постови / коментирање нека изнесува барем 1:4, гледано од аспект на времето поминато во едното и другото дејство.
  • Внесувај тагови и пингај ги блог сервисите, како на пример Technorati. Користи и други напредни методи, како некои кои ги опишував во изминатите постови. Секоја активност која може да ти донесе читатели, или алатка која може да ти ја олесни работата е добродојдена.
  • Дизајнирај го сајтот така што ќе биде пријатен за гледање, лесен за читање, ненападен со боите, едноставен, така што ќе му се допадне на општата Internet популација. Направи го како ТИ што сакаш да изгледа еден сајт/блог, но најди и пријатели кои ќе ти кажат свое мислење и сугестии.
  • Прати ги големите светски портали кои вршат агрегација на дневните настани, со цел да ги увидиш „жешките“ теми. За почеток, види ги популарните тагови на Technorati и del.icio.us.
  • Ако сакаш само посетители (но не толку и редовни читатели), можеш да се обидеш да комбинираш AdWords акаунт, со рекламирање клучни зборови кои се плаќаат помалку, заедно со сајт со реклами, со клучни зборови кои се плаќаат повеќе.

3. Конверзија

Конверзија се нарекува процентот на посети кои станале кликови на реклами. На Интернет може да се прочитаат анализи за конверзија на посети/кликови од некои 3 до 5 проценти, но моите искуства покажуваат конверзија и до десеттина пати помала. Конверзијата може да се зголеми на повеќе начини:
  • Пишувај за теми кои се во некои високо-компетитивни области: технологија, геџети, фармација, недвижнини, козметика, накит, компјутерски игри и софтвер и слично. За клучни зборови од овие области ќе има многу повисоки Cost Per Click вредности, па така со иста конверзија ќе се зголеми профитот.
  • Дизајнирај го сајтот така што рекламите ќе стојат во ударните полиња: горе лево, горе десно, најгоре, или низ текстот (порамнети лево или десно).
  • Стилот на линковите од рекламите е најдобро да се претопува во стилот на линковите од сајтот, иако има и спротивставени мислења.
  • Според некои пишувања на Internet, најдобри перформанси имаат рекламите: висок столб лево или десно, како и квадрат во текстот.
  • Користи ги алатките за генерирање извештаи на страната на Google AdSense за да анализираш кои реклами имаат најдобри перформанси.

4. Исплата

За Google AdSense да исплати пари на веб издавач, потребно е неговиот акаунт да акумулира барем 100 долари. На крајот од тој месец кога ќе има барем 100 долари, ќе се сумира профитот и ќе се прикаже на сајтот на AdSense. Чекот пристига следниот месец, а електронскиот трансфер на парите (треба да е) многу побрзо.

Google AdSense Tabs
По околу една година, пред месец и нешто и мене ми пристигна првиот чек, со едвај над 100 долари. Чековите можат да се претворат во кеш во банка, но еве еден совет: кога се обидов во Тутунска банка, ми кажаа дека имаат процедура на проверка која ќе потрае месец и половина. Оттука отидов во Охридска банка и ми ги кешираа веднаш!

Со обзир дека блогирам од задоволство, дека блогирам на македонски јазик, и дека не ги правам ни половината од советите за успешно професионално блогирање од погоре, од 400 до 500 денари месечно и не е така лошо, нели? Ако немав работа која ќе ми носи леб на масата секој ден, најверојатно ќе се зафатев со професионално блогирање и верувам дека ќе имав многу, многу подобри профити. Вака како што ја терам работава на мајтап, без некој поголем интерес освен анализата, нормално дека ќе бев задоволен и со многу помалку.

Инаку, во светот има многу луѓе на кои толку добро им тргнало блогирањето, што даваат отказ од нивните „реални“ работни места и почнуваат професионално да се занимаваат со правење сајтови и блогови, поддржани со реклами. Најдобрите индивидуалци во овој бизнис се фалат дека заработуваат и над 15 илјади долари месечно, но јасно е дека и со многу помалку може добро да се живее во Македонија.

5. Каде да блогирам?

Секоја блог-платформа која те прави да се чувствуваш комотно кога постираш содржини и која овозможува промена на образецот (template) на блогот, би требало да е добра и за додавање реклами. Но, со една напомена... Рекламите на Google AdSense се поставуваат на блог со копирање готов автоматски генериран JavaScript код. Некои блог-платформи НЕ дозволуваат да се додава JavaScript од безбедносни причини. Таков е, за жал, во Македонија популарниот блог сервис на Он.Нет, Блогерај. Не сакам да им правам лоша реклама, бидејќи навистина го ценам нивниот придонес за порастот на нашата блогосфера и општо за користењето на Интернет во Македонија, но таа е реалноста.

Заради крајната едноставност за користење, квалитетот на платформата, високиот uptime и редовните подобрувања, ќе го препорачам овој сервис, Blogger, зад кого стои Google. Уште повеќе, во делот за администрација има модул кој ќе ти помогне да ги избереш и поставиш Google AdSense рекламите.

Blogger: Google AdSense
Со ова го завршувам мини-серијалот посветен на online advertising и Google AdSense. Ако некој има прашања, со задоволство ќе му помогнам со одговори или совети.

11 comments:

eclipse-x said...

готово. се продадов. сеа сум на http://e-clipse-x.blogspot.com/ и ќе се занимавам строго со професионално adsense блогерство. :) update my link in the blogroll if you don't mind..

GoodBytes said...

Нека е со среќа и бериќет!

Ги ажурирав линковите кон тебе и тука и на Панта Реи на Блогерај.

Tome said...

Алал да ти е за цел серијал, многу добро објаснето и имплементирано :).

GoodBytes said...

Јас пак мислам дека останаа повеќе работи недокажани, а некои делови можеше да се објаснат подобро.

Но како и да е, повторно ги повикувам сите кои се заинтересирани за онлајн адвертајзинг, слободно да се обратат кај мене, ќе им помогнам во се' што можам.

Anonymous said...

Секоја чест за целата серија!!!Имам некое прашанје па се надевам дека ќе ми одговориш...

1.Заработката дали ја праќаат во пати или како чек или сл???
2.Доколку е во пари или чек дали тоа го праќаат по обична пошта или со некоја посебна???
3.Ако заработката ја праќаат како чек каде и како тој чек може да се замени во наши пари:))???

Однапред ти благодарам!!!
Поздрав.

GoodBytes said...

@Анонимен:

1. Заработката се праќа како чек.
2. Чекот доаѓа по пошта на домашна адреса.
3. Прво се обидов во Тутунска Банка, ми рекоа дека ќе проверуваат до 1 месец и ќе ме исплатат. Оттука отидов во Охридска Банка и ми ја исплатија сумата веднаш, без проверки и задржување.

Anonymous said...

Многу ти благодарам.Се тоа е добро ама
кај мене нема Охридска Банка:))).Ми преостанува да се надевам дека и во другите банки ги менат чековите::)))

GoodBytes said...

Штом немаш Охридска, праќај ми ги мене чековите. Јас ќе ги заменам, ќе се почестам во твое здравје и ќе ти ги вратам половината. :-)

Се шегувам... се надевам дека барем една банка кај тебе ќе ти го промени чекот без задржување. Ако сепак нема, можеш да направиш и вака: да отвориш девизна штедна книшка во долари (само ќе ти бараат минимален влог од околу 300 долари) и на неа да ти ги префрлаат парите штом ќе го проверат чекот. Сепак најдобро прашај си. :-)

Anonymous said...

Хаха:)).Не е проблем за честење не е проблем само пари да има:)).Инаку МИНИМАЛЕН влог од 300 долари мислам дека е некако многу:)).Или пак?

GoodBytes said...

Таков минимален влог бараат некои банки за да отвориш девизна штедна книшка. Ама кога ќе помислам уште еднаш, можеби може и денарска (без минимален влог, или 100 денари во Стопанска), па да ти конвертираат според моменталниот курс.

Сепак прашај. Ако ти се верува, во една иста банка сум видел разлики во правилата од еден до друг град! :-)

Anonymous said...

Охохох...Ти верувам и тоа како:)).Како и да е јас ќе си прашам.Навистина ти благодарам.Поздрав.

Blog Archive

MK Blog Search


MAK Blog Search

Search through posts from Macedonian blogosphere.

MK Forum Search


MAK Forum Search

Search through posts from Macedonian forums.

Important Links

Macedonian Top Blog

Macedonian Folk Songs

Say: Macedonian

Posts @ Email

Site Statistics

Readers