
Во моментов, на Internet има стотици сајтови кои на вебмастерите и на блогмастерите им нудат начин да заработат пари со тоа што ќе стават реклами на нивните сајтови или блогови.
Дел од овие сајтови се лажни, а најчестата измама на нивните соработници е да им го прекинат акаунтот во моментот кога ќе заработат пари едвај под минимумот. За да биде сè легално, тие во нивните Terms of service договори додаваат клаузула дека имаат право без објаснување да го терминираат акаунтот со корисникот. Јасно, ако имаш илјадници луѓе кои си ги излажал за, на пример, околу 90 долари, и ако постојано се запишуваат нови, не знаејќи за измамата, тогаш е јасно дека овој бизнис модел, таков нечесен каков што е, сепак носи пари.
Секако, дел од сајтовите кои нудат online advertising не се измамници. Такви се повеќето големи компании, а меѓу нив на прво место според обемот на бизнисот се наоѓа Google, со нивната адвертајзинг програма Google AdSense. Нивниот успех беше толку експлозивен, што Google немаше време да ја измени перцепцијата за нив како „чиста“ технолошка компанија. Луѓето сеуште не ги гледаат како медиумска и адвертајзинг компанија, и покрај тоа што со вкупната вредност која надминува 100 милијарди долари, тие се најголемиот МЕДИУМ во светот. Но пред да го опишам деловниот модел на Google AdSense, да објаснам некои основни поими за рекламирањето на Internet.
Генерално, постојат три типови online advertising преку веб сајтови (тука ги изземаме email кампањите, кои најчесто се сведуваат на праќање spam пораки, како и други рекламни шеми кои не се интересни за нас во моментов):
1. CPA (Cost Per Action)
Оваа рекламна шема има и други имиња, како на пример: Cost Per Acquistion, Cost Per Lead или Cost Per Order. Метриката на перформансите оди според бројот на корисници (посетители на сајтот) кои комплетирале некаква трансакција. На пример, посетителите кликнале на реклама поставена на твојот сајт, линкот ги однел до сајтот на фирмата која се рекламира, а тие таму купиле некаков производ, или се регистрирале за некаква услуга и слично.
2. CPC (Cost Per Click)
Друго често име на овој рекламен модел е Pay per click (PPC). Перформансите при овој модел се мерат според бројот на кликови врз рекламите. Значи, рекламата може да се прикаже на произволен број посетители на твојот сајт, но се плаќаат само кликовите врз неа.
3. CPМ (Cost Per Thousand)
Овој рекламен модел е најблизок со офлајн адвертајзингот (реклами во весници, радио и телевизија), бидејќи се плаќа за прикажувањето на рекламата. Вредноста на рекламите при овој модел се мери во илјади прикажувања, што значи дека ако цената на некоја реклама е 1 долар CPМ, тогаш тоа значи дека фирмата која се рекламира плаќа еден долар за секои 1000 прикажувања на рекламата (оригинално, терминот е impressions).
Google Adsense ги нуди сите три модели, навистина плаќа колку што си заработил, а има и некои (барем кога се појави на пазарот) уникатни концепти, заради кои им го препорачувам на сите кои сакаат да заработат пари пишувајќи на своите блогови.
Со Google Adsense ќе се занимаваме повеќе во следните текстови.




2 comments:
ги ставив гугл рекламите на мојот блог и за три недели заработив само 11 цента. :) Решив да ги тргнам. Рекламите на гугл не многу ги таргетираат македонските блог читачи.
За тоа си во право. Таква е сегашната состојба, која додуша може и да се измени... Или може да се пишува на друг јазик, со Интернет светот ти е публика.
Како и да е, онлајн рекламирањето не е за секого, а со овој мал серијал сакам да ги запознаам луѓето со оваа можност.
Post a Comment