Постојат многу луѓе на кои им се допаѓа идеата да заработуваат пари со блогирање или создавање содржини на Internet. Самата помисла да си седиш дома во бермуди или пижами, да пишуваш за некоја тема која те интересира и од тоа да правиш пари е во најмала рака примамлива.Но дали баш СЕКОЈ може тоа да го работи? Еве подолу неколку поенти за кои кандидатите за професионални блогери треба да подразмислат...
Работата е напорна
Повеќе луѓе кои ќе се обидат да станат професионални блогери ќе вложуваат значителен напор во блогирањето, истражувајќи и поминувајќи доста време во барање добра тема и нејзино разработување. Но, по само неколку недели или месеци ќе почнат да чувствуваат замор, ќе наоѓаат изговори да прават било што само не да блогираат и со тоа ќе трпи квантитетот и квалитетот на блогот. Потребна е силна мотивација и time management кој ќе дава одржливи резултати.
Резултатите не доаѓаат веднаш
Професионалното блогирање нема да те збогати веднаш. Точно е дека ако се исполнети сите услови да имаш широка публика, таа и навистина ќе расте со текот на времето, ако не со експоненцијален, тогаш барем со линеарен прогрес, но реалноста е дека бројот на читатели ќе расте постепено. Тоа значи дека ќе биде потребна трпеливост да се дојде до таа читателска публика која блогерот ја посакува (бројот и видот на читатели). Клучните три работи на кои треба да се фокусираш се: посетеност (број на читатели), репутација и интеракција со читателите, со цел да им биде пријатен „престојот“ на твојот блог. Тука слободно направи аналогија со хотелиерскиот бизнис.
Не е доволно само да се пишува добро
Самото „добро“ пишување на блогот е критично и најважно, околу него се врти и целата смисла на публикувањето содржини, но во никој случај не е доволно ако сакаш да си pro. Покрај напорот потребен за да се полни блогот со квалитетни содржини, потребно е и да се работи на промоција на блогот, која во основа се сведува на интеракција со сегашните и идните читатели. Оваа „интеракција“ може да се подели на два сегмента: комуникацијата со читателите на ТВОЈОТ блог, преку коментарите и другите начини за разменување мисли (email, IM, voice и слично), но и комуникација со читатели на ДРУГИ блогови, најчесто преку оставање добро осмислени коментари кои имаат нешто да понудат како потенцијал и ќе бидат „мамец“ (не во лоша смисла на зборот) на читателите од другите блогови кон твојот блог. Активната промоција на блогот преку вакви активности според некои професионални блогери бара ПОВЕЌЕ време и труд отколку полнењето на твојот блог со содржини. Оваа интеракција ќе ти донесе нови линкови и многу нови читатели.
Само AdSense понекогаш не е доволен
Повеќето професионални блогери заработуваат од online advertising, преку Pay Per Click реклами како тие на Google AdSense (јас нешто повеќе пишував за оваа проблематика во мојот мини-серијал за online advertising, па ако те интересира, прочитај ги текстовите од секцијата „Online Advertising“ која се наоѓа во сајдбарот на мојот блог). Но, има професионални блогери, најчесто тие кои веќе изградиле значителен traffic и репутација, кои се растрчуваат барајќи спонзорства или нудејќи платен рекламен простор. Ваквата активност од тебе бара дополнителни вештини и харизма, бидејќи твојата финансиска иднина (професионалец си, нели?) ќе зависи од твојата способност да се продадеш себеси, односно да ја продадеш приказната на твојот блог. Ќе бидеш ставен безмалку во улога на менаџер на својата фирма кој ќе мора да владее со маркетиншките процеси како некој експерт.
Само блогот понекогаш не е доволен
Освен „пасивните“ начини за заработка од блогот, односно со Google AdSense и сличните online advertising модели, како и со рекламниот простор, можеш да почнеш да размислуваш и за алтернативни начини за заработка, користејќи го угледот на твојот блог. Тргнувајќи од мислата дека големата посетеност може да се монетизира, имаш опции да отвориш паралелна електронска продавница во која ќе нудиш производи, почнувајќи од „основното“: чаши со логото на блогот или некоја соодветна порака, преку маички со некаков принт, па сè до голем e-Commerce сајт на кој ќе се продаваат десетици или стотици производи. Постојат илјадници можности да се монетизира добро разработен сајт, а на тебе е оставено дали тоа ќе го работиш успешно.
Заклучок
И покрај идиличната претстава за заработувањето за живот преку блогирање од дома, оваа професија не е воопшто толку лесна колку што изгледа. За да се нафатиш да ја работиш, треба да си спремен на долга и напорна работа која како плус од тебе ќе бара постојано да ги преиспитуваш и твоите мисли и твоите цели, а и ќе мора да си силно мотивиран да ги пребродуваш сите можни кризи кои ќе те задесат по пат, независно дали тие влечат корени онлајн или офлајн. Мораш да работиш на квалитетот на блогот, почнувајќи од дизајнот до содржината, како и на промоцијата и постојано да размислуваш за нови начини како да го монетизираш тоа што си го создал. Во сето ова критичен ќе биде и фидбекот од твоите читатели, па затоа мораш да внимаваш да не пропуштиш добар совет од тие кои се најзасегнати од тоа што го работиш.
Ако сметаш дека се вклопуваш некаде во овие рамки, тогаш храбро направи го првиот чекор и дај сè од себе. Добрата вест е дека нема што да изгубиш.




2 comments:
"Дали секој може да заработува од блогирање?"
Не верувам дека во догледно време некој кај нас ке успее - да заработи блогирајки ...
Сепак се работи и кај најпознатите Македонски блогери за мали бројки на посетрност .... а тоа нема да се смени ни во догледно време.
Тука е проблемот со јазикот и писмото кое го користиме (мал пазар :) - така сме осудени да се обраќаме само на оние кои ни го разбираат нашиот јазик и писмо (Македонци, Срби, Бугари а помалку Хрватите и Словенците) и толку...
Понатака Интернет пенетрацијата, кај нас и не е баш многу голема ...
Ако е некава придобивка да се чуе за твоето мислење - став (можеби со со ова има некаква шанса ..)
Тогаш ако успееш да се наметнеш со мислењата и ставовите може да те приметат одредени кругови на кои им треба таков профил на личност (аналитичар, новинар, економист, правник, историчар и незнам што...)
Политичките партии ?
Исто како што офлајн професиите понекогаш бараат од луѓето да комуницираат на англиски јазик, така и кај про блогирањето... не мора да значи дека мораш да блогираш на македонски јазик. Особено ако блогирањето ти е професија, нели?
Post a Comment