Sunday, August 31, 2008

Вероучение не е за нас

Вероучение или веронаука е најновиот „образовен“ експеримент на нашите политичари врз нашите константно реформирани транзициски деца. Мое цврсто убедување е дека верата и науката не одат заедно и дека воведувањето веронаука во јавното образование значи силување на базичните принципи врз кои стојат науката и образованието, особено на методите за доаѓање до научни вистини. Второ, во едно мултиконфесионално општество, веронауката ќе значи продлабочување на јазот помеѓу двете поголеми вери и кај идните генерации.

Освен тоа, модерните религии се во СЕРИОЗНА конфронтација со современата наука, а некои „свети“ книги во себе содржат тешки, ама баш тешки глупости, и ова го мислам од многу аспекти, не само „фактографски“, односно историски утки или фантастични приказни.

Наука и религија

Да не се разбереме погрешно, не се обидувам да му бранам на никого да ја практикува својата вера, напротив, би му помогнал на секого кој мисли дека е спречен во тоа свое човеково право. Но, практикувањето на верата треба да е интимна, внатрешна и душевна активност, НЕ похристијанчување или муслиманизирање на граѓанството, активности кои сеуште се толерираат (па дури и охрабруваат) во некои од современите општества. Секој кој смета дека децата треба да му живеат со некаква религиозна духовност, може да ги носи на места одредени за тоа: во црква, во џамија, синагога или друг храм, или самиот да им пренесува знаење, односно да им обезбедува материјали за учење.

Понатаму, ако навистина има голем број родители кои сакаат децата *во училиште* да им учат за нивната религија, логично е да се претпостави дека тој нов „пазар“ ќе предизвика отворање „религиозни“ приватни основни или средни училишта, тренд кој може да се забележи во земји како САД, на пример. Ваквата иницијатива ќе биде чисто приватна, па со тоа нема да се наруши секуларноста на државата.

University of California, Berkeley

Сепак, кога веќе ги спомнуваме ваквите училишта кои балансираат меѓу науката и фантазијата, треба да се има во предвид дека некои повисоки образовни институции можат да НЕ ги признаваат знаењата стекнати во нив. На пример, пред две недели судот во Калифорнија одлучи дека University of California има право да не ги признава предметите „наука“ и „историја“, ако истите се изучувани во „религиозно“ средно училиште. На судењето научниците од овој најпрестижен во светски рамки универзитет докажале дека тие училишта предавале како научен факт материја која не ги задоволува научните методи и е во контрадикција со современите научни теории.

Оваа судска одлука би требало да заѕвони ѕвончиња и во главите на македонските теократи кои се инсталирани во кожните фотелји на Министерството за образование.

5 comments:

Stojan Dimitrovski said...

Како и да е, јас познавам деца што во САД одат во училиште каде заедно со наставата се ориентирани кон Бог. На пр, ги учат песнички (зашо децава се мали) како боже фала за јадењето и сл што ги пејат пред да јадат и слично...

Кај нас веронаука, може али не на ваков начин кога некој ќе ме убедува дека не сум настанат од делба на клетки туку од љубовта на нешто што не ни може да го допреш.... :)

Томе said...

Една од новите „учителки“ по веронаука вчера вика „па добро, може да има мали проблеми на пример со тоа што децата го учат по други предмети, како на пример биологија“... Мали проблеми?! Во годината кога децата ќе треба да почнат да се запознаваат со научниот пристап, со живиот свет, со универзумот... некој теолог - со обука од пар саати - ух!

Башка, ако целта им била пред се, да го подигнат моралот кај децата, што не ја модификуваат наставната програма на веронаучниот предмет така што НЕМА ДА Е ВО КОНФЛИКТ со другите предмети? Ама на кого да му е тоа гајле? На Перо министеро?

The Goddess said...

распоред на часови:
1. хемија
2. биологија
3. веронаука
4. физика (тема електрично празнење) :D

Јован said...

Воедно се промовира сегрегацијата помеѓу децата.

DJ - Music Blog said...

Go delam tvoeto mislenje, GoodBytes.
Mestoto na veronaukata i e nadvor od obrazovniot proces.

Blog Archive

MK Blog Search


MAK Blog Search

Search through posts from Macedonian blogosphere.

MK Forum Search


MAK Forum Search

Search through posts from Macedonian forums.

Important Links

Macedonian Top Blog

Macedonian Folk Songs

Say: Macedonian

Posts @ Email

Site Statistics

Readers