И по петнаесетина години од пропаста на социјализмот, во Македонија сè уште царува ставот... дека државата е таа која треба да ги реши главните проблеми на граѓаните: тие да бидат вработени, најадени, облечени и наспиени.
Државата е виновна ако не даде резервни делови за комбајните, семенски материјал, нафта за тракторите, субвенција за ѓубрето, ако не обезбеди отштета од поплавите (оти, нели, државата е виновна што се затнати одводните канали, бидејќи се затрупани со смет и ѓубриште што во каналите го фрлале министрите од владата!), па на крајот и ако не им доведе камиони до нивите, да им ги откупи на лице-место производите, да ги плати и пазар да им најде! Море, државата е виновна и сонце ако нема, дожд ако не заврне, или ако многу се изнаврне. За сè е виновна државата!
Оваа улежана македонска нација, со мозокот уште длабоко во социјализмот, има право да се жали што политичарите (некои, не сите!) им ја опљачкаа државата... Но, тоа не е причина да се седи пред порта по цел ден и да се кука како животот е тежок, а иднината неизвесна. Навистина, и покрај големите официјални проценти на невработеност, мене ми се чини дека за сите што сакаат да најдат работа и нешто да работат - во Македонија работа има. Само е прашање дали е човек спремен да го работи она што го може или чека да најде за работење само нешто што го сака. Се извинувам, знам дека ова некому ќе му звучи навредливо - “Што се замислува овој, лесно му е нему...?!” и сл. - но јас искрено верувам дека работа има, само ако си го мрднете газот да ја побарате и да не се разочарате ако веднаш не ја најдете.
На ваквата атмосфера во државата, во која духот на нацијата се влечка по земја, со крпа да го бришеш, се разбира дека придонесуваат и медиумите. Нема телевизиски вести ниту дневен весник во кој 90% од настаните не се врзани за активностите на државата: содржините се главно за министрите и министерствата, за премиерот и претседателот, за државните директори, тендерите, дипломатите и пратениците, или за опозицијата којашто (природно) говори за министрите и министерствата, за премиерот и претседателот, за државните директори, тендерите, дипломатите и пратениците... [Премиерот] ни е за појадок, за ручек, за вечера, за ужина, за мезе, за будење и за заспивање, пред и по секс, за голема и за мала нужда, за забава, за работа (и кога ја има, а особено кога ја нема), за сe! Ако отиде државата на одмор само еден ден, земјата Македонија - оваа земја Дембелија! - ќе застане, а сите ќе умреме загушени, оти јавноста е станата зависник од државата како да е таа воздухот што го дишеме.
Тажна е ваквата ситуација, една нација да стане инвалид и зависник од државата до степен да е парализирана дури и кога сопствениот опстанок, на ниво на исхрана на семејствата, е доведен во прашање. Само немојте да ми кажете дека и за таа парализа е виновна државата! Па, што и ако е!
А, бре, луѓе, дигнете се, станете, одете, барајте работа, смислете нешто, заковете некој клинец, ископајте некоја бразда, фрлете некоја лопата и не чекајте министерот од Скопје да ви го даде лебот за да се прехраните.
Ова се исечоци од текстот „Земја Дембелија“ од Сашо Орданоски, објавен во Капитал во 2005 година, а малку се подолги бидејќи практично целиот текст треба да се исчита во еден здив, за да му се долови поентата. Се надевам дека нема да ми се лутат заради тоа што го пренесувам поголемиот дел... демек, да не излегов од fair use правилото.

Јас на блогов еднаш веќе го посочив овој напис, велејќи дека е: „интересна и навистина несекојдневна, groundbreaking колумна“.
Пред некој ден налетав на постот, бришејќи некој идиотски коментар од некаков исфрустриран Грк, кој не можел да се истуши на Say: Macedonia бидејќи таму го исклучив коментирањето. Па, размислувајќи за еднаквите аршини на слепата правда, неизбежно морав да се запрашам: дали сега, по 3 години, кога тогашната позиција и опозиција си ги заменаа местата, дали Сашо Орданоски сеуште стои на тоа што го пишуваше тогаш, односно дали истите повици вината да не се бара (само) во владата, важат и денес?
Link: Земја Дембелија (Капитал).




0 comments:
Post a Comment