
Сител: Повеќе од три четвртини од Американците сметаат дека Владата треба да ги остави автомобилските производители да пропаднат.
Над три четвртини од Американците - околу 76 проценти, сметаат дека Владата треба да ги остави автомобилските производители кои се во финансиски тешкотии како „Џенерал моторс“ и „Крајслер“ да пропаднат, наместо да ги спасува со државно финансирање, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење.
Во изминатите неколку месеци Владата на САД инјектира милијарди долари за стабилизирање на двата автомобилски гиганти од Детроит. И покрај помошта од 17,4 милијарди долари, меѓутоа, тие се уште се на работ да банкротираат.
Кон крајот на март претседателот Барак Обама ги отфрли нивните планови за реструктуирање и им нареди да претстават реалистични решенија, за да добијат дополнителна помош, јасно алудирајќи оти може да ги остави да пропаднат.
Јас исто сметам дека улогата на „државата“ треба да биде минимална и концентрирана кон есенцијалните потреби на граѓаните: безбедност, инфраструктура, здравство и слично. Фирмите се во приватна сопственост и имаат јасно дефинирани права и обврски. Исто како што успешниот бизнисмен не е обврзан да ме прошета со неговата јахта, така и јас не треба да плаќам данок за да ги покријам неговите загуби, независно дали тие се резултат од некакво прекуокеанско влијание, од моменталната состојба на пазарот, или од неговата склоност кон преземање неразумно големи ризици.
Во минатиот систем, буџетот ги покриваше загубите од претпријатијата, кои тогаш беа државни (па и еден период подоцна, кога беа приватни). Но, сите видовме каде нè донесе тоа: ги продадовме фабриките и претпријатијата и на крај останавме сиромашни - толку длабоко сме биле вкопани во долгови. (И кога веќе го спомнавме ова, колку што мене ми е познато, последниот мамут кој е под државна капа и генерира вртоглави загуби е „Македонски Железници“. Се надевам дека наскоро ќе се ослободиме од нив.)Стечајот е капиталистички механизам кој има една позитивна карактеристика: ја прочистува економијата од нереалистичните, нерентабилни фирми и идеи. Тоа што го преживува ситото на пропаста, од друга страна, станува посилно и пожилаво: ex cineribus resurgam (од пепелта ќе се издигнам).






